Долговите на Победа се огромни - само кон УЈП се 7 милиони денари!

Општина Прилеп денеска ја информира јавноста дека со жалење ја примила одлуката на раководството на Победа за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората лига, вест што предизвика жалење кај сите фудбалски фанови во државата со оглед на минатото на овој клуб (двоен првак).

Оттаму велат дека и покрај континуираните напори за спас на клубот, во целиот процес се соочиле со сериозен недостиг на соработка од страна на мнозинските сопственици. Локалната власт, наводно, повеќепати иницирала дијалог со цел изнаоѓање долгорочно решение, но сопственичката структура не покажала подготвеност за заедничко делување, ниту за формирање легитимни управувачки органи и назначување извршен директор, што го довело клубот во состојба на функционална парализа.

И покрај ваквата состојба, општина Прилеп донела одлука за еднократна финансиска поддршка од милион денари. Реализацијата на таа одлука, како што се наведува, била законски оневозможена – најпрвин поради изборниот процес, а потоа и поради блокираната сметка на клубот, како последица на долгогодишно недомаќинско работење. Од општината посочуваат дека официјалната документација покажува долг кон Управата за јавни приходи (УЈП) од над 7 милиони денари, кој вклучува неплатени придонеси за вработени, ДДВ, данок на добивка и персонален данок. Според нив, исплатата на општинските средства во ваква состојба не би можела да биде искористена за функционирање на клубот, туку би завршила за покривање на долгови на фирмата-сопственик.

Локалната самоуправа нагласува дека нема да дозволи буџетските средства на граѓаните да се користат за покривање на вакви долгови, особено по сознанијата дека дел од средствата на клубот биле ненаменски трошени. Одговорноста за финансискиот колапс, како што се наведува, е исклучиво кај сопствениците, кои поседуваат мнозинство од акциите во клубот.

Клубот од Прилеп лани во април беше продаден на македонскиот иселеник во САД, Александар Мицковски, кога за претседател беше назначена неговата сестра, Јана Мицковска-Поповска. Новите сопственици тогаш ветуваа дека ќе го „воскреснат“ клубот и Прилеп повторно ќе биде еден од најфудбалските градови во Македонија, но нецела година потоа Победа е пред згаснување.