Ден за рехабилитација по гладијаторските битки: Ни Алкараз, ни Ѓоковиќ не тренираа(т)

Безмалку десет часа траеја вчерашните полуфинални натпревари на Австралија Опен со што е соборен рекордот на дуелите од оваа фаза на Гренд слемот во Мелбурн.

На пеколни горештини и потоа длабоко во ноќта (мечот меѓу Ѓоковиќ и Синер заврши во 1 по полноќ), Алкараз и Ѓоковиќ обезбедија пласман во големото финале што се игра утре, со почеток во 9:30 часот по средноевропско време. Мечот на Алкараз и Зверев траеше 5 часа и 26 минути, а на Ѓоковиќ и Синер 4 часа и 9 минути.

Од тие причини, логично делуваат одлуките на финалистите, денеска да не тренираат, туку да се фокусираат на рехабилитацијата по тешките натпревари.

Алкараз го одложи денешниот тренинг и максимално го ангажира својот физиотерапевт за да најде начин да го олабави пред утрешниот меч. Ѓоковиќ уште вчера најави дека денеска нема да тренира, но позитивно кај него е тоа што неделава му беше далеку помалку напорно, отколку на Шпанецот затоа што осминафиналниот меч воопшто не го играше, а во четвртфиналето Музети му предаде по само 2,5 сета.