Ниту историската вечер на сензационалниот Флег не беше доволна за Далас да победи (ВИДЕО)
Првиот пик од ланскиот драфт одигра натпревар за историја, постигнувајќи 49 поени и со тоа стана тинејџерот со најмногу поени на еден НБА натпревар. Флег, кој во декември наполни 19 години, го надмина рекордот на Клиф Робинсон од 45 поени, поставен уште во 1980 година. Покрај поентерскиот рекорд, младиот кошаркар имаше и лични најдобри остварувања – погоди 20 шута од 29 обиди и додаде 10 скока, но неговата блескава вечер не беше крунисана со победа.
Решавачкиот момент се случи седум секунди пред крајот, кога при израмнет резултат 121-121, Кон Кнупел украде топка по едно лошо додавање на Флег кај центарот, изнуди фаул и потоа беше прецизен од линијата за слободни фрлања. Во последниот напад, Флег имаше можност да донесе продолжение, но неговиот шут заврши на задниот дел од обрачот. Кнупел одигра одличен меч за Шарлот, реализирајќи осум тројки – рекорд на франшизата за „руки“, и натпреварот го заврши со 34 поени. Со овој триумф, Хорнетс ја продолжија победничката серија на пет натпревари, најдолга за клубот од февруари 2023 година. Поддршка за Шарлот дадоа и Брендон Милер со 23 поени, деветти последовен меч со најмалку 20, како и Ламело Бол со 22 поени и шест погодени тројки.
Ова беше прв НБА дуел меѓу Кнупел и Флег, кои во сезоната 2024/25 настапуваа заедно на Универзитетот Дјук.
РЕЗУЛТАТИ: Филаделфија – Сакраменто 113-111, Вашингтон – Милвоки 109-99, Атланта – Хјустон 86-104, Далас – Шарлот 121-123, Чикаго – Мајами 113-116, Денвер – Бруклин 107-103, Феникс – Детроит 114-96, Минесота – Оклахома 123-111.
ФОТО: FACEBOOK / YAHOO SPORTS