Кливленд го расплака Леброн, па ги растури Лејкерс (ВИДЕО)

Донован Мичел постигна 25, а Џејлон Тајсон 20 поени и го предводеа Кливленд Кавалирс до убедлива победа од 129-99 над Лос Анџелес Лејкерс.

Домашниот тим го сврте натпреварот во своја корист со одлична игра во третата четвртина, засенувајќи го враќањето на Леброн Џејмс во Охајо. При резултат 57-57, Кавалирс имаа серија од 25-8, при што Мичел постигна осум, а Тајсон седум поени и тоа беше клучниот период од натпреварот. Кливленд шутираше со 7/11 од три поени во третата четвртина, по скромните 6/22 во првото полувреме, а нивниот вкупен ефект од поле во тој период беше 17/25.

Леброн Џејмс беше задржан на само 11 поени, што беше прв пат во 13 гостувања во Кливленд да не постигне барем 20 поени. Ветеранот роден во Акрон помина 27 минути на паркетот, шутирајќи 3/10 од игра и ги промаши сите три обиди за тројка.

Тој се расплака за време на тајмаутот на половина од првата четвртина, кога Кавалирс прикажаа видео од неговиот легендарен настап од петтиот натпревар од финалето на Источната конференција во 2007 година против Детроит Пистонс. На тој меч постигна 25 поени по ред и заврши со 48. Ноќешниот пораз беше негов најтежок во Кливленд како гостин. Како играч на други тимови таму, тој има скор од 10-3, но на последните две гостувања беше поразен. Леброн играше за Кливленд од 2003 до 2010 година и потоа од 2014 до 2018 година. Во 2016 година, им ја донесе на Кавс титулата во НБА, единствената што тимот некогаш ја освоил.

Лејкерс и покрај поразот останаа на петтата позиција на Западот, додека Кливленд со петтиот триумф по ред се доближи и до второто место во Источната конференција.

РЕЗУЛТАТИ
Кливленд – ЛА Лејкерс 129-99
Индијана – Чикаго 113-110
Бостон – Атланта 106-117
Мајами – Орландо 124-133
Торонто – Њујорк 92-119
Мемфис – Шарлот 97-112
Далас – Минесота 105-118
Јута – Голден Стејт 124-140
Хјустон – Сан Антонио 99-111