Куп на Македонија: Вардар го доби најдобриот второлигаш, дербито ќе се игра во Струга!
„Црвено-црните“ како најтрофеен клуб во ова натпреварување (шест освоени пехари) ќе атакуваат на ново полуфинале, но противникот нема е за потценување, со оглед што е лидер во Втората лига по есенскиот дел од сезоната. Четвртфиналниот натпревар ќе се игра во еден меч, на 25 февруари, а доколку по 90 минути нема победник, патникот во полуфиналето ќе се решава веднаш со пенал-рулет. Во случај Вардар да ја оправда фаворитската улога и да го мине охридскиот состав, во полуфиналето ќе се сретне со победникот од дуелот Детонит Плачковица – Силекс, а таа фаза ќе се игра во два натпревари.
Дербито, пак, се игра во Струга каде што ќе се судрат минатогодишниот финалист од овој град и актуелниот шампион, тимот на Шкендија. Останатите два прволигаши, Работнички и Силекс, добија второлигашки противници, но и двата тима ќе мора да играат на гостински терен. „Романтичарите“ ќе имаат кратко патување, бидејќи ќе се соочат со Шкендија Арачиново, додека кратовци ги очекува дуел во Радовиш против Детонит Плачковица.
КУП НА МАКЕДОНИЈА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
(1) Вардар – Охрид Лихнидос
(2) Струга – Шкендија
(3) Шкендија Арачиново – Работнички
(4) Детонит Плачковица – Силекс
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 4
Победник 2 – Победник 3