Халанд по историскиот срам: Не само што нѐ победија, нѐ надиграа како мали деца!

Бодо/Глимт синоќа направи една од најголемите сензации сезонава на Лига на шампионите, откако на домашен терен го надигра и совлада Манчестер Сити со 3-1, победа што влезе во историјата на норвешкиот клуб.

Таа, истовремено, предизвика и јавно извинување од ѕвездата на „граѓаните“, Ерлинг Халанд, кој по мечот, видно разочаран признава дека Манчестер Сити не само што загубил, туку бил и целосно надигран.

„Не сакам да обвинувам никого, но мора да преземеме одговорност, зашто ова не е доволно добро. Ние сме Манчестер Сити – не можеме само да шетаме по теренот и да не победуваме. Ова не смее да ни се случува. Преземам целосна одговорност за тоа што не постигнав голови и сакам да им се извинам на навивачите кои дојдоа на стадион. Ова беше срамно. Противникот не само што нѐ победи туку и целосно нѐ надигра“, изјави Халанд.

Норвешкиот напаѓач спортски му оддаде признание и на противникот, нагласувајќи дека Бодо/Глимт одиграл одличен натпревар и сосема заслужено стигнал до сензационалниот триумф. Победата не само што има историско значење за Бодо/Глимт, туку сериозно ја искомплицира и позицијата на Манчестер Сити во трката за директен пласман во осминафиналето од нокаут-фазата во ЛШ. „Граѓаните“ сега на седмото место со 13 бодови. Заедно со ПСЖ, Спортинг и Аталанта.

ФОТО: EPA PHOTO