Костески ни донесе победа за полесен пат кон СП 2027 - втората фаза останува сон (ФОТО)

Македонија оствари драматична победа со гол на Костески во последната секунда, триумф со 24-23 кој ни го носи третото место, но не успеавме да го направиме тоа со голема разлика која носи надеж и за втора фаза.

Ракометната репрезентација на Македонија дојде до посакуваната победа над Романија, но тоа го направивме на исклучително тежок и драматичен начин, со гол во последната секунда од натпреварот. Не успеавме да создадеме разлика против најслабиот тим во групата. Бевме добри во првото полувреме, но не и во вториот дел.

Мечот го почнавме одлично, имавме водство од 4-0, Романците првиот гол го дадоа дури во 11. минута и тоа од пенал. Македонската одбрана функционираше беспрекорно на почетокот. Но откако Романија го даде првиот гол, натпреварот стана изедначен.

Имавме и ние црни периоди во првиот дел, Романија успеваше да дојде до минус два. Нашата најголема предност беше пет разлика, на одморот отидовме со водство од 13-9.

Во вториот дел очекувавме дека ќе продолжиме да ја зголемуваме предноста и да оствариме триумф со поголема разлика, но тоа не се случуваше на теренот. Правевме грешки, Романците беа подобри и ја топеа негативата.

Самиот финиш од мечот помина ви исклучителна драма. Романците дојдоа до нерешен резултат, а ние благодарение на гол на Костески во последните секунди дојдовме до победа од 24-23.

Најефикасен беше Кузмановски со девет голови, четири постигна Костески, по три реализираа Митев и Ѓорѓиев.

Со оваа победа успеавме да го освоиме третото место во групата со кое ќе имаме полесен пат до Светското првенство односно само еден бараж и ќе бидеме носители, но треба да се случи чудо за второто место, односно Данска да ја совлада Португалија со 18 разлика, нешто што е далеку до реалноста.