Шошкиќ блеска во НЦАА - прогласен е за играч на неделата

Репрезентативецот на Македонија, Андреј Шошкиќ доби големо признание, како резултат на неговите добри игри во НЦАА.

Тој е прогласен за дебитант на неделата во Coastal Athletic Association, конференцијата во која припаѓа неговиот Универзитет Стони Брук. Интересно е тоа што за наградата му беа доволно само два меча кои ги одиграа Сивулфс минатата недела, а на кои Шошкиќ постигна вкупно 31 поен (15,5 во просек), девет скока и осум асистенции. Во сите три статистички категории, тоа е далеку над својот просек оваа сезона.

Плејмејкерот го помина периодот на адаптација и игра добро од почетокот на 2026 година. Пред нешто повеќе од две недели го оствари својот рекорд во НЦАА, со 27 поени, а минутажата му е голема и покрај тоа што не е постојано во стартната петорка.

Стони Брук се наоѓа на седмата позиција во својата конференција со биланс 11/9, но не е далеку ни второпласираниот тим кој има само две победи повеќе.