Македонската ракометна репрезентација ремизираше против Португалија (29-29) во еден натпревар во кој имавме шанс и да славиме.

Првото полувреме донесе максимално изедначена игра, Македонија во почетните минути поведе со два разлика, но Португалија брзо врати  и потоа се до последните моменти од првите 30 минути се играше „гол за гол“ и ниту една селекција не одеше на „два плус“.

Тоа се промени во завршницата кога Португалците поведоа со 14-12, а потоа и на одмор замаинаа со 15-13.

Почетокот на второто полувреме можеби беше и најслабиот период за нас во овој дуел, тогаш Португалија дојде до највисоките „плус пет“ во натпреварот. Не се откажа Македонија, се вративме на „минус два“ (20-22).

На тие два гола се враќавме неколку пати, а конечно по една одбрана на Томовски при обид на голманот на Португалија на осум минути пред крајот добивме и напад да се вратиме на само еден гол заостанување и го искористивме преку Кузмановски кој го постигна својот 13-ти гол на натпреварот (25-26).

По уште една одбрана на Томовски, веќе во наредниот напад за првпат во второто полувреме и го израмнивме резултатот (26-26).

Изедначено се играше и во наредните минути, па во последните пет минути се влезе со 27-27 на семафорот. Борбата продолжи до самата завршница, Томовски тогаш повторно блесна со две одбрани, меѓтуоа немавме среќа и топката двапати се враќаше кај Португалците, па не добивме шанса за напад за победа.

Најефикасен кај нас беше капитенот Кузмановски кој го одигра еден од најдобрите натпревари за Македонија и дуелот го заврши со дури 15 погодоци. Последниот натпревар од првата фаза Македонија го игра во вторник во истиот термин против Романија, дуело во кој ќе ја имаме фаворитската улога.