Американски коментатор удри по Словенецот: Овој Дончиќ само плаче (ВИДЕО)

Лука Дончиќ игра одлично и има сезона на МВП-ниво, но екипата на ЛА Лејкерс има слаби резултати, па првата ѕвезда на тимот сè почесто е јавно напаѓана.

Последниот удар дојде директно во ТВ-пренос – и тоа од коментатор. За време на натпревар, коментаторот Ерик Колинс остро го нападна Дончиќ поради неговото постојано жалење на судиските одлуки.

„Овој човек само плаче“, изјави Колинс во живо, алудирајќи дека словенечкиот репрезентативец реагира на речиси секоја одлука на арбитрите.

Изјавата брзо стана вирална, особено затоа што НБА на својата платформа овозможува избор на локални коментатори, а Колинс е гласот кој ги пренесува натпреварите на Шарлот Хорнетс. Снимката веднаш се прошири на социјалните мрежи и предизвика бурна дебата меѓу навивачите.

Дел од јавноста се согласи дека Дончиќ понекогаш претерува во расправиите со судиите, но имаше и многумина кои сметаат дека ваков речник не е соодветен за еден официјален ТВ-пренос. Факт е дека Словенецот игра феноменална сезона. Во просек бележи 33,4 поени, 8,8 асистенции и 7,9 скока по натпревар и е меѓу главните кандидати за МВП-наградата. Особено во ситуација кога статусот на Никола Јокиќ е под знак прашалник поради повреда, што би можело да го исфрли од трката – според правилата на НБА, за кандидатура се потребни најмалку 65 одиграни натпревари.

Сепак, она што сериозно му ги намалува шансите на Дончиќ е слабиот биланс на Лејкерс. Тимот загуби четири од последните пет натпревари и моментално е на петтата позиција со скор 24-15. Лидер е Оклахома Сити Тандер со 35-7, додека Денвер Нагетс и Сан Антонио Спарс имаат по 28-13.