„Кале“ оди в историја: Тотален колапс - од јануари ќе нема каде да се игра кошарка!
Ако раководството на КФМ остане на „заканите“, кои веќе се испратени до највисоките државни органи, овој проблем ќе значи и тотален колапс на играта со портокалова топка. Во моментов во оваа сала своите средби како домаќини ги играат Работнички, ТФТ и Маџари од суперлигашите, како и голем број прволигаши, аматерски тимови и други младински состави од 12 до 20 годишна возраст. Затворањето ќе значи дека тие ќе останат на улица, односно во ептен кус период ќе треба да се снаоѓаат во останатите затворени спортски објекти во престолнината, кои ионака се веќе пребукирани и со закупени термини до крајот на сезоната.
Причина за затворањето на „Кале“ е неговата небезбедност, со оглед што според луѓето од КФМ, „кровната конструкција е во лоша состојба, постојано прокиснува и претставува ризик по животите и здравјето на актерите на теренот“. Санитарните јазли и соблекувалните биле во ужасна состојба, исто како и паркетот, кој носи ризик од повреди, а електричната инсталација била дотраена и често доаѓало до прекини напојување. Но и покрај ова, до крајот на годинава предвидено е играње на уште два меча во овој „опасен објект“ и тоа од Купот на Македонија меѓу Работнички и Тиквеш односно Маџари и Гостивар.
Желбата на луѓето од Куќата на кошарката е СРЦ „Кале“ целосно да се урне и на нејзино место да се изгради мултифункционален објект со две сали, хотел и ресторан, но би се задоволиле и со дозвола за нејзино целосно реновирање.
А дотогаш, кошарка би можела да се игра и надвор како пред 60-70 години. Ионака, квалитетот во моментов е речиси идентичен на начинот на кој овој спорт се играла пред шест-седум децени.