Тајсон пак влегува во ринг: Се подготвува боксерски спектакл на векот во Африка!

Долгоочекуваниот боксерски спектакл меѓу легендите Мајк Тајсон и Флојд Мејведер доби официјална потврда - дуелот ќе се одржи во март во Африка со што се стави крај на бројните сомнежи околу реализацијата на борбата, која долго време се сметаше за невозможна комбинација.

И покрај големата разлика во тежината, стилот и годините, како и скепсата на дел од јавноста, двете икони решија да го прифатат предизвикот, а финансискиот аспект и долготрајната меѓусебна нетрпеливост одиграа клучна улога. Тајсон лично ја потврди борбата, истакнувајќи дека и самиот бил изненаден што договорот станал реалност.

„Мислев дека нема шанси ова да се случи, но Флојд рече ‘да’. Светот никогаш не очекуваше ваква борба, ниту јас. Боксот влезе во нова ера на непредвидливи настани,“ изјави 59-годишната легенда.

Тој додаде дека е шокиран од одлуката на Мејведер да влезе во ринг со него.

„Сè уште не можам да поверувам дека Флојд го сака ова. Ќе биде штетно за неговото здравје, но тој го побара, се потпиша и борбата ќе се случи,“ вели Тајсон.

Во последното интервју, тој откри и детали за настанот.

„Ќе биде во март и ќе биде во Африка. Ова ќе биде неверојатно, ќе рушиме рекорди – еден од најголемите спортски настани во историјата“, дополни легендата.

Се очекуваат огромни бројки во гледаноста, бидејќи популарноста на егзибициските борби расте, а и Тајсон и Мејведер важат за најголеми магнети за „плати па гледај“ во боксот.

Мејведер, пак, останува самоуверен дека може да излезе на крај со ѕверот од другата страна на рингот.

„Ова го правам 30 години и никој не го нарушил моето наследство. Ако нешто правам – тоа е големо и легендарно,“ порача 48-годишниот непоразен шампион.

Разликите меѓу двајцата се значителни – Тајсон е висок 178 сантиметри, се бореше во тешка категорија со околу 100 килограми, додека Мејведер настапуваше во пет полесни категории (60–70 кг). Тајсон се пензионираше во 2005 година, а минатата година се врати во рингот со пораз од Јутјуберот Џејк Пол. Мејведер последен пат боксуваше пред седум години.

ФОТО: EPA PHOTO