Индијана конечно победи, Хјустон ги понижи немоќните „келти“ (ВИДЕО)
„Пејсерси“ ја искористија ретко лошата шутерска вечер на Стефан Карри, кој промаши дури 12 од 16 обиди за тројка, па така првата победа ја дочекаа токму тие, додека на неа и натаму чекаат Бруклин и Њу Орлеанс. Иако Кари заврши со 24 поени, пет изгубени топки и негативен плус-минус ефект, „воините“ долго време имаа резултатска предност. На половина од последната четвртина водеа со 104-98, но тогаш Индијана направи клучна серија од 16-3, со која ги сврте работите во своја корист. Најзаслужни за пресвртот беа Џексон и Нејсмит, кои ја предводеа екипата до прв триумф оваа сезона. Нејсмит заврши со 31 поен, Сиакам постигна 27, а Џексон придодаде 25 поени и 10 асистенции во победничкиот состав, додека кај Г. Стејт покрај Кари (24), најрасположен беше Џими Батлер со 20 поени.
Успешна вечер имаа и кошаркарите на Детроит Пистонс, кои во меч одигран во Мексико го совладаа Далас маверикс (122-110). Ова беше третата победа на тимот од почетокот на сезоната, благодарение на блескавите изданија на Кејд Канингем и Џејлен Дурен. Првиот одигра феноменален натпревар со 21 поен и 18 асистенции, со што го израмни својот личен рекорд, додека вториот забележа рекордни 33 поени. Без повредените Кајри Ирвинг и Ентони Дејвис, Далас немаше решение, особено поради 15 изгубени топки и само 17 поени во последната четвртина. Единствената светла точка кај гостите беше Дианџело Расел, кој од клупа реализира 31 поен.
Орландо Меџик го декласираше Вашингтон Визардс (125-94) и стигна до својата втора последователна победа по четири стартни порази. Најдобар на теренот беше Паоло Банкеро, кој го оствари својот четврти дабл-дабл сезонава со 28 поени и 11 скокови. Покрај него, Вендел Картер Џуниор постигна 16 поени и 12 скокови, а Франц Вагнер додаде 25 поени. Кај „волшебниците“, за кои ова беше четврти пораз во низа, најистакнати беа Кишеон Џорџ (17) и Си-Џеј Меколум (13). Вашингтон шутираше само 39,8% од игра, што е нивен најслаб офанзивен учинок сезонава.
Катастрофална вечер имаше Бостон селтик, шампионот од предминатата сезона, кој пред своите навивачи беше поразен од Хјустон Рокетс со убедливи 101-128. Гостите од Тексас доминираа уште од првата четвртина и не дозволија ниту момент на неизвесност. Кај победниците се истакна Кевин Дурент со 26 поени, Ејмен Томпсон со 17 поени, 9 скокови и 8 асистенции, а Алперен Шенгюн беше на чекор до трипл-дабл со 16 поени, 10 скокови и 9 асистенции. Кај Бостон најдобри беа Бејлор Шерман (17) и Пејтон Причард (14).
РЕЗУЛТАТИ:
Милвоки – Сакраменто 133-135
Шарлот – Минесота 105-122
Индијана – Голден стејт 114-109
Вашингтон – Орландо 94-125
Бостон – Хјустон 101-128
Детроит – Далас 122-110