Кој ги врти играчите: КФМ со намалената минимална температура ги крши актите на ФИБА!
Реакцијата на Пелистер, Здружението на кошаркарите и на Работнички е на место, но премногу задоцнета, што не ја прави помалку значајна, па дури и клучна за развојот на овој спорт. Со реакција се јави и Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) најавувајќи инспекција на салите, небаре тие не се истите објекти кои секое лето како наводно ги проверуваат и без никаков проблем им даваат зелено светло, знаејќи дека во нив нема ниту елементарни услови ниту желба за загревање, а има и многу други пропусти. А, самата таа Федерација што изрази голема загриженост за играчите, дебело ги крши актите на ФИБА во делот со потребната минимална температура, одејќи им по ќеиф на тие што не сакаат да потрошат екстра пари за да ги загреат салите и тоа не само за натпреварите туку и за тренинзите.
Со цел да не дојде до проблеми со играње во зимски услови, предводниците на македонската кошарка во последната деценија во неколку наврати ја намалуваа минималната температура, која во моментов изнесува само 12 степени. Многумина се шегуваат дека овој услов може да се исполни само со дишење на присутните во салите и дека оваа граница ниту од далеку не значи топлина доволно актерите удобно да се натпреваруваат во куси гаќички и во дресови без ракави. Овој член директно се коси со правилата на ФИБА, според кои во салите за одигрување мечеви од нивна јурисдикција температурата треба да биде најмалку 16 степени, со напомената дека за оние врвни средби границата е уште поголема – се бараат минимални 18 степени.
Овој проблем е забележлив и пред крајот на шампионатот, кога температурите веќе преминуваат во пеколни, па во салите се случува да не може да се дише. А во ситуација кога нема греење во арените, да се помисли дека тие имаат ладење е еднакво со лудило, па затоа и тогаш има ситуации кои ги кршат правилата на играта. Затоа ФИБА има поставено највисока граница од 28 степени, која е спуштена дури и до 22 степени за најважните средби, додека во Македонија таа нормално е повисока, па е предвидено да се игра до максимални 30 степени, што е дури и мала варијација во однос на долната граница.
Сето ова покажува дека и сегашното, но и сите претходни раководства на КФМ гледаат „карванот да си помине“ без воопшто да се загрижат за здравјето на тие најважните – актерите на паркетот. Крајно време е да се тропне на маса, а клучот не е кај клубовите туку кај самите кошаркари. Тие ја имаат моќта да си побараат основни услови за работа дури и со закани за штрајк и неиграње.
Само треба да соберат храброст за такво нешто, да не чекаат некој друг да ја води нивната војна!