Антиќ во борбата за власт заборави да ги прогласи најдобрите кошаркар(к)и за 2024!
Кулминација на сѐ лошо во макбаскетот во изминативе 365 дена, а најверојатно е плод на грчевитата борба за останување во удобните фотелји во канцелариите на Куќата на кошарката, е испраќањето на годината без традиционалниот избор на најдобрите. Со оглед што крајот на 2024 е за една недела (уште три-четири работни дена), а во јавноста се уште немало кандидатски листи за гласање во вообичаените категории во машка и женска конкуренција, лесно може да се заклучи дека првпат по речиси една деценија годината нема да се заврши со спектакуларен избор на најдобрите. Симптоматично е што во сите досегашни години во владеењето на Антиќ изборот се одржувал во последната недела од годината, но овој пат (можеби како казна што најголем дел од нив го преферираат противникот) клубовите и кошаркар(к)ите се оставени без можност да ги добијат драгоцените признанија, како сатисфакција на вложениот труд.
Последен пат тоа се случи во 2016 година, кога македонската кошарка беше предводена од Петар Наумоски дури во втората половина од јануари ги избра најдобрите за претходните 365 дена. На Антиќ и неговите соработници сега е обврска без разлика на борбата за власт во најкус можен рок по празниците да организираат избор како што доликува и на најдобрите да им ги дадат заслужените признанија. А, не дека немаше светли моменти на кои можеме и мораме да се навратиме – како златниот медал на јуниорските репрезентативци на Европското првенство (дивизија Б), одржано минатото лето во Скопје.