Грчевски пред стартот на ЕП: Чувствуваме позитивна трема
Шведска во натпреварот влегува како фаворит, а тоа го посочи и селекторот Кристијан Грчевски кој очекува нашата шанса да ја бараме против Турција.
„Ние ја остваривме целта со успешните квалификации, како една од најмладите селекции. Со настапот на ЕП сите наши ракометарки во составот ќе добијат драгоцено искуство за ввво иднина. Чувствуваме трема пред утрешниот натпревар, но таа е позитивна. Знаеме дека ќе играме против репрезентација која очекува да се бори за медал. Ќе излеземе на терен и веруваме ќе се претставиме на најдобар можен начин. Нашата шанса ја гледам во натпреварот против Турција, па утре и малку ќе калкулираме“, изјави Грчевски.
Зборуваше Грчевски и за составот на репрезентација.
„Имаме основна група од поискусни ракометарки, додека остатокот се состои од млади играчи за кои ова првенство ќе биде од голема вредност. Верувам дека со континуитет на вакви големи првенства ќе стекнеме искуство кое ќе го користиме во иднина“, истакна селекторот.
Утрешниот натпревар Македонија го игра во терминот од 20:30 часот, а во групата покрај Турција е уште Унгарија.