Играше на последниот Мундијал, а сега ќе го засили нападот на Вардар (ВИДЕО)
Нигериецот би требало во следните два дена да дојде во Скопје и да ги мине лекарските потписи, по што би потпишал договор со најтрофејниот македонски клуб, кој зимава бараше уште еден напаѓач за да ја зголеми конкуренцијата на оваа позиција, но и тренерот Чедомир Јаневски да добие во ротација.
Уче беше дел од репрезентацијата на Нигерија на последното Светско првенство во Бразил во 2014 година и играше на мечот со Аргентина, кој африканските „орли“ го загубија со 2-3.
Инаку станува збор за 26-годишен напаѓач, роден на 17 септември 1991 година, кој кариерата ја почнал во Шутинг старс во родната Нигерија, а во татковината играл и за Енугу ренџерс, а во 2011 година направил трансфер во холандски ВВВ Венло, за две години подоцна да замине во Херенвен, клубот каде играше и актуелниот лев бек ба вардарци Горан Попов во дел од својата кариера. По Херенвен, Уче повторно се вратил во Венло, а потоа заминал во Лирс (2014), а една година подоцна и во португалска Боавишта. Последен клуб во неговата кариера е словачки Тренчин.
Вардар со Уче добива засилување во нападот, затоа што на таа позиција Јаневски има само двајца вистински шпиц-играчи Максим Максимов и младиот Бојан Колевски, па есеноска таква улога во недостиг на вистински центарфор честопати ја имаше и Ерменецот Тигран Барсегјан.
Ако потпише Уче, тој ќе биде шесто засилување по Кларенс Битанг, камерунскиот фудбалер за врска, кој треба да потпише шестмесече договор со опција за нови две години откако ќе ги мине лекарските прегледи, како и младите Јован Попзлатанов, Кристијан Тошевски и Матеј Цветановски (Пелистер) и голманот Филип Илиќ.
Вардар зимава го напушија Бобан Николов (Видеотон), Петар Петковски (Работнички), Бесир Демири (Мариупол), Јамбул Џигаури, Итало, како и Висар Муслиу, кој избега во Шкендија.