Браќата Ѓуровски поделени пред мечот во Минхен, едниот е за Србија, другиот за Словенија!
Пред натпреварот, словенечкиот портал „Дневник“, разговараше со славните македонски фудбалери, браќата Бошко и Милко Ѓуровски.
„Нормално е дека секој си ја сака својата земја, па јас ќе навивам за Србија, но свесен сум дека нема да биде лесно. Словенија игра добар фудбал, го покажа тоа против Данска, па ќе биде многу неизвесно. Мислам дека ќе одлучат прекините, а тука Србија е многу опасна. Предност ќе им биде нападот бидејќи ги имаат Митровиќ, Влаховиќ, Јовиќ, а во средниот ред Милинковиќ-Савиќ и Тадиќ. Одбраната на Србија е значително послабиот дел, па тоа може да биде шанса за Словенија“, вели Бошко Ѓуровски.
За разлика од него, Милко Ѓуровски е за Словенија, тој веќе 30 години живее во Марибор.
„Јас сум Македонец, живеев во Белград, сега живеам во Словенија и имам словенечко државјанство. Би рекол дека Словенија е во предност во однос на Србија од една причина, менталитетот. На Балканот сакаме да кажеме дека сме најдобри, но тоа мора да го докажеме на теренот. Словенија знае да игра на резултат, но фудбалот е таква игра во која никогаш не се знае. Повеќето од српските фудбалери играат во големи клубови, но во репрезентацијата тоа е неважно. Важно е дали играат со срце за неа“, вели Милко Ѓуровски.