Девојките пред нов испит – добрата игра од Балтикот да се потврди со триумф во Скопје!

Македонската женска фудбалска репрезентација попладнево, во спортскиот центар „Петар Милошевски“, ќе го одигра вториот меч од групата Ц од квалификациите за ЕП 2025 во кој противник ќе ѝ биде селекцијата на Словенија.

Новиот селектор, Александар Андов, првиот меч на клупата на нашите дами го имаше во петокот, кога во пресметка со многу голови како гости ја совладавме Летонија (4-3) и покажавме дека имаме шанси да се пласираме во следната фаза. Но, за да го направиме тоа потребно е овој триумф на Балтикот да го потврдиме со нови три бода и тоа против фаворизираните Словенки, кои во првиот дуел како домаќинки ја совладаа Молдавија (2-0).

Ова ќе биде трет дуел за македонските фудбалерки против словенечката селекција, против која имаме кошмарни сеќавања бидејќи претрпевме два тешки порази во веќе далечната 2016 година кога исто така во квалификациски дуели загубивме со 0-9 на домашен терен односно со 1-8 на гостувањето.