И Сити парк Бојс удрија по Антиќ: Гледај си го сам спортот што го убиваш (ФОТО)

Предводникот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, по вербалниот „напад“ од навивачката група на МЗТ Скопје, се најде на удар и од фановите на најтрофејниот Работнички, кои се револтирани што им е ограничена бројката за присуство на утрешното гостување кај Вардар.

Заедно со предводникот на макбаскетот на удар на „Сити Парк Бојс“ се најде и комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, поради неговата одлука да го прогласи овој дуел во малата сала во СРЦ „Кале“ за натпревар од висок ризик. Тоа значи поголемо инволвирање на полицијата и пред се органичување односно можност за забрана за присуство на навивачка група на гостинската екипа. Поради ова, популарните „бојси“ решија да го бојкотираат овој меч за што директно ги обвинија Антиќ и Милојевиќ.

„И повторно најголемиот непријател на кошарката во Македонија е КФМ. Неофицијално е најавено пристуство на двете навивачки групи, па така стручњаците од федерацијата заедно со полицијата донесоа заклучок дека натпреварот е од висок ризик, со што нѐ ограничија на само 40 билети. Прашање до КФМ е дали салата воопшто ги исполнува минималните услови за еден прволигашки натпревар, за кои ни беше оневозможено да играме во Градски Парк? Зошто после толку време кога салите повторно почнаа да се полнат се ставааат нелогични ограничувања и забрани? Зошто наместо да биде празник за сите со добра атмосфера на секој натпревар, ја погребувате кошарката сѐ повеќе и повеќе?! Во знак на револт одлуката на групата е утрешниот натпревар да го 'разубавиме' со нашето НЕПРИСУСТВО. Нека остане во салата комесарот сам со неговиот претседател и заедно нека уживаат во спортот кој го убиваат“, напишаа попладнево од Сити Парк Бојс.

Фемили Аеродром, пак, пред дваесетина дена порача дека лигата е неатрактивна, салите се празни, а квалитетот на домашните и странските кошаркари е не незавидно ниво. Тие истакнаа и транспарент на кој пишуваше „Гробарот на македонската кошарка и докажан циган, кариерата ја продолжува како турбофолк хулиган“ (види ТУКА), мислејќи на Антиќ, за што потоа МЗТ беше парично казнет.