Почина Аце Стиков, доајенот на македонското спортско новинарство!

Денеска почина доајенот на македонското спортско новинарство Александар Стиков.  Роден во 1947 година, целиот свој работен век го мина во македонското радио, како новинар, репортер и уредник на спортската програма. 

Стиков со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на македонското радио. Остави неизбришлив белег во македонското спортско новинарство, во 42-годишната кариера известуваше од седум Олимписки игри, од кош шест од Летните игри, од безброј фудбалски мечеви, од Универзијада до медитерански игри, шаховска олимпијада, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, како и преноси во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови...

Стиков беше последниот претседател на здружението на спортски новинари на Југославија и еден од основачите на Македонскиот олимписки комитет. Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи го и престижниот Трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.

Како уредник на Спортската програма на Македонското радио создаде плејада новинари и репортери. Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма Спорт, музика, спорт и известуваше од седум Олимпијади и голем број европски и светски првенства.

Погребот на посмртните останки ќе биде во петок (22 септември 2023 година) во 11.00 на градските гробишта Бутел во Скопје (капела во 10.00), а комеморативната седница во понеделник (25 септември 2023 година) во 11.00 во просториите на Македонската радио-телевизија.