
Шок од црвено-црниот табор: Бајевски повеќе не е спортски директор на Вардар!
Поранешниот македонски репрезентативец и црвено-црно дете изрази благодарност за честа да биде дел од најдобриот македонски спортски колектив и тоа во најтешкиот период, кога со „натчовечки напори“ е обезбедено враќање во елитата.
„Чест ми е што бев тука кога беше најтешко и што бев дел од црвено-црното семејство, кое со натчовечки напори успеа во 'невозможната цел' да се врати таму каде што припаѓа. Се заблагодарувам на сите играчи, тренери и вработени во клубот со кои соработував. Никој никогаш нема да може да ја избрише нашата посветеност и приврзаност преку која заеднички поминувавме преку сите пречки. Порака за навивачите да продолжат да бидат со и покрај клубот во добро и лошо. Вардар е еден и единствен! Од денес продолжувам да бидам најголем навивач на клубот во кој го поминав најголемиот дел од мојот живот“, напиша меѓу другото Бајевски.
Оставката доаѓа по турбулентен период во кој сите во клубот правеа буквално се за да ги расчистат насобраните со години долгови, со цел да се обезбеди прволигашка лиценца и Вардар по две годишно товорење во Втората лига пак да заигра со најдобрите во државата. Тоа беше остварено, но потоа следуваа уште потешки моменти во обезбедување каков-таков буџет за натпреварување. Вардарци стартуваа со два порази, на гости кај Брера и дома од Шкупи, обата со по еден примен гол.