Сите репрезентативци со поддршка за Ристовски!

После вчерашната објава на капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски во која објави повлекување од националниот дрес, скоро сите негови репрезентативни другари му дадоа поддршка на објавата на социјалните мрежи, па сега се поставува прашањето дали – сите се обединети против селекторот Благоја Милевски?

Ристовски во краткото соопштение до јавноста и навивачите, посочи дека неговиот однос со селекторот не е најдобар и поради тоа се повлекува, најмногу и зашто националниот тим не оди во вистински правец. Доказ за вртоглавиот пад е и дебаклот во Англија, а почна уште пред една година во Лигата на нации, веднаш по историската победа во Палермо и мундијалскиот бараж против Италија.

Столе Димитриевски, Александар Трајковски, Енис Барди, Висар Муслиу, Егзон Бејтулаи, Давид Бабунски, Давор Здравковски, Бобан Николов се актуелните или доскорешни репрезентативци кои ја лајкнаа објавата на капитенот на националниот тим, кој има 82 настапи за Македонија во деценија и пол репрезентативна кариера. Стефан капитенската лента ја презема од Горан Пандев после Еуро 2020.

Поддршка Ристовски има и од Пандев, поранешниот репрезентативец Агим Ибраими, поранешниот центарфор Влатко Стојановски, претседателот на синдикатот на фудбалери Панќе Ќумбев....

Два месеци после срамот на „Олд Трафорд“, Милевски сѐ уште е селектор, иако јавноста е бесна на него, а полека грбот му го вртат и фудбалерите.