Милевски: Ако одам по принципите кој игра, тој да добие повик – ќе немаме доволно играчи!

Македонија ја чекаат два големи предизвици за нешто повеќе од две недели со пресметките со Украина во Скопје на 16 јуни и Англија на гости на 19 јуни во евроквалификациите, но многу проблеми има македонскиот селектор Благоја Милевски за мечевите, не само што не смета на Бојан Миовски и Дарко Чурлинов, туку и поради фактот што дел од избраниците не се во најдобра натпреварувачка форма.

Висар Муслиу беше повеќе од еден месец повреден, па почна да игра, Никола Серафимов исто така беше повреден, Езџјан Алиоски игра-не игра, Енис Барди нема константна голема минутажа, па веќе цела сезона, Милевски ги нема фудбалерите на највисокото можно ниво.

„Останавме без две опции за напад, ама не кукаме и ќе пробаме да извлечеме максимум со тие што ги имаме. Сите што ќе се спозобни и здрави, за мене, тие се најдобрите во моментот. Се надевам дека сите повикани ќе се спремни за да се стават во функција на тимот. Да зборуваме за натпреварувачката форма е неблагодарно и таква форма да се бара од нив. Јас ги погазувам принципите кои ги воведов, дека ќе бидат повикани тие што играат и се во најдобра форма, но во моментов ако се водам по тоа – 70 отсто од играчите не би биле викнати. Ама, ние немаме обемен ростер од фудбалери кои се на едно високо ниво. И затоа, што е тука е, не се жалиме, скоро две години само еднаш сме биле комплетни и тоа со Португалија. Јас само се надевам дека ќе бидат сите здрави и способни да се стават во функција на тимот“, вели Милевски.

Еден дебитант има во актуелниот состав, Сефер Емини од дански Сондерјиске и сѐ останато се фудбалерите кои беа повикани и во март на почетокот на овие евроквалификации.

„Емини со игрите и постојаните настапи заслужи да биде дел од А-тимот, сите други се истите од март. Во моментов сконцентрирани сме исклучиво на мечот со Украина. Сѐ друго е на страна. Јас знам дека сите што играле за Македонија од овие фудбалери, секогаш давале и повеќе од максимум и формата била во втор план, па затоа верувам дека и сега без оглед кој во каква натпреварувачка форма е – ќе даде и повеќе од што може“, додаде Милевски.

Фудбалерите кои веќе завршија со сезоната и веќе се дојдени во Скопје од утре почнуваат со подготовки, а од понеделник ќе им се приклучат и друг дел од играчите кои ќе завршат со сезоната, додека официјалниот собир е во хотел Хилтон на 10 јуни. Единствени што ќе дојдат ден потоа се Дејан Илиев и Езџјан Алиоски, кои ќе дојдат ден потоа на 11 јуни.