Торино ќе тргне по Барди, ако Србинот Лукиќ им замине во Фулам?

Веќе три недели од Турција секојдневно доаѓаат најави за наводно заминување на македонскиот репрезентативец Енис Барди од првакот Трабзонспор, а во последниве денови како главен фаворит се посочуваше италијански Торино.

И сега од Апенините доаѓаат најави за можен трансфер на македонскиот фудбалер за врска, но има еден голем услов во последните 48 часа до крајот на зимскиот преоден рок. Сѐ зависи дали српскиот репрезентативец Саша Лукиќ, за кого е силно заинтересиран премиерлигашот Фулам, ќе си замине на Островот.

Тренерот Јуриќ сака да го задржи Лукиќ, но сѐ зависи од финансиски привлечната понуда од Фулам, па Барди може(би) ќе е решение, пишуваат блиски медиуми до „биковите“, зашто за евтини пари од само три милиони евра би добиле добар фудбалер. Но, не само тоа, туку и поради фактот што во ек на нерешена ситуација околу иднината на Миранчук и Влашиќ, ангажман на македонскиот фудбалер би можел да биде добра инвестиција на долг рок.

Но, за трансфер засега нема официјална понуда, барем со информации од Италија, иако од Турција пред два дена се појавија шпекулации дека Трабзон добил понуда од два милиони евра за Бради, наводно од Торино. Но, ништо од тоа не е потврдено.

Барди има пет гола на 17 меча за Трабзон, а последниот го даде викендов. За Леванте каде играше пет години, има 23 гола и 13 асистенции на 148 меча. Во Трабзон дојде летоска за три милиони евра откако Леванте испадна од Ла Лига.