Репрезентацијата доби(ва) приоритет: Купот одново нема да се игра во февруари!?

Завршниот турнир од Купот на Македонија, кој традиционално, како и во најголемиот дел од европски првенства, беше предвиден да се одигра во февруари, речиси сигурно ќе биде пролонгиран за друг термин и тоа од причина да се добијат повеќе денови за подготовки репрезентацијата во пресрет на првите два меча од квалификациите за ЕП 2021 против Естонија (20 февруари) и Русија (23 февруари).

Ова засега е неофицијално, но лесно може да се заклучи од плановите на новиот селектор Александар Тодоров подготовките за исклучително важните средби од првиот репрезентативен прозорец да ги почне на 13 февруари (информација објавена на официјалната интернет-страница на КФМ), што директно се коси со предвидениот термин за куп-завршницата, која според календарот за сезоната 2019/20 е предвиден за периодот помеѓу 14 и 16 февруари. Од канцеларијата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) засега нема потврда за вакво нешто, но огромни се шансите втора година по ред најдобрите осум екипи во Купот на Македонија да не ги одмерат силите во првично определениот термин, кој е оптшо прифатен во европската кошарка и во кој има пауза во натпреварувањата по капата на ФИБА, но и во АБА2-лигата во која настапува МЗТ Скопје.

Лани, куп-пресметката на најдобрите беше одложена поради големата автобуска несреќа кај Лескарци во која имаше двоцифрен број загинати, претежно од Гостивар. Големата тага во овој град беше причината поради која управата на гостиварскиот прволигаш побара одложување на Купот, што секако беше прифатено од останатите учесници и од КФМ, па за трофејот се играше два месеци подоцна, односно во април во претходно определениот град-домаќин, Гевгелија.

Молкот од Куќата на кошарката во делот на организацијата на Купот на Македонија, со оглед што до завршниот турнир на осумте најдобри екипи има уште само еден месец, барем до оригинално предвидениот термин во календарот, исто така може да се сфати дека се размислува односно планира негово пролонгирање. Исто така, сѐ уште не е распишана ниту лицитација преку која треба да се дојде до заинтересиранот домаќин што повторно говори дека ќе почекаме за да го дознаеме носителот на првиот трофеј сезонава во домашните натпреварувања.

Победничкиот пехар го брани Работнички, кој во ланското финале беше подобар од Блокотехна. Ако КФМ го задржи истиот принцип со настап на осумте најдобри екипи, тогаш тоа би биле МЗТ Скопје, Гостивар, Еуро Никел, Работнички, Куманово, Кожув, Пелистер и Академија ФМП.