Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе го пропушти и второто европско првенство по ред, откако и покрај денешната победа над Естонија (86-84) не успеа да го фати последниот воз за континенталниот собир што ќе се одржи в година во Германија, Италија, Чешка и во Грузија.

Жолто-црвените квалификациите ги завршија со две победи и четири порази, исто колку што има и естонската селекција, но пресуди ланскиот триумф на балтичките кошаркари во Скопје со девет поени разлика (72-81) за подобар меѓусебен скор. Мора да се нагласи дека противникот во финишот дури и се тргаше и топката и намерно промашуваше слободни фрлања, со цел да не ни овозможи да дојдеме до евентуален продолжеток во кој би ја бркале потребната двоцифрена позитива.

Лошата игра во дефанзивата во првото полувреме и примените дури 49 поени во овој период, се покажаа како клучен фактор за денешниот вкупен неуспех, односно немањето сила да се дојде до единствената важна цел – победа со двоцифрена разлика. Противникот максимално го користеше нашите грешки (12-5 во загубени топки во воведните 20 минути), па на стартот од вториот период дојде до максималните плус 14 поени разлика (52-38).

Избраниците на селекторот Александар Тодоров во продолжение од натпреварот заигра поагресивно во одбраната, што резултира со резултатско приближување. Естонците во финишот почнаа да калкулираат со вкупниот резултат, поради што во последните две минути повеќе беа заинтересирани да го трошат времето, отколку да поентираат. Тоа го искористија македонските кошаркари, кои откако не успеаја со „измама“ да дојдат до посакуваното продолжение, успеаја да триумфираат со тројката од речиси невозможна позиција на Ненад Димитријевиќ во последната секунда.

Димитријевиќ со 23 поени беше најпрецизен во нашата селекција, но поголем дел од нив постигна во финишот, кога противникот беше фокусиран на крајната цел, а не на победата на денешниот меч. Бекот на Хувентуд имаше и три скока, пет асистенции, но и огромни осум загубени топки. Играч на мечот во жолто-црвениот дрес беше Бојан Трајковски со 21 поен и шест скока, а веднаш зад него беше Џејкоб Вајли со 18 поени и 14 скока. Коцар со 15 поени и осум скока и Куламае со 14 поени и четири асистенции беа најдобри кај Естонците.

Пред Македонија сега е настап во претквалификациите за Светското првенство, кои би требале да почнат кон крајот на годината, а за кои дополнително треба да биде извршена ждрепката за групите. Следното Европско првенство (ЕП), пак, е во 2025 година, а за кое допрва треба да се пласираме во квалификациите.