МЗТ Скопје пред невозможна мисија во Белград – против Партизан!

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со настапите во АБА-лигата и тоа одново против евролигашки ривал, со оглед што по домашниот дуел со Црвена Звезда пред една недела вечерва му гостува на Партизан (18 часот).

Аеродромци се во лоша серија во регионалното натпреварување со оглед што ги загубија последните шест меча, кои придонесоа да се последни на табелата со учинок 2-12. Избраниците на тренерот Драган Николиќ се свесни дека пред нив е невозможна мисија, иако пред десетина години сино-белите знаеја да изненадат во Белград. МЗТ Скопје во 2014 година го изненади Партизан на негов терен, додека останатите пет средби во српската престолнина ги добија црно-белите.

„Играме против уште еден евролигаш, кој сезонава е непобедлив на домашен терен во АБА и кој исто како и нашиот претходен ривал има сериозни амбиции да влезе во плејофот на Евролигата и да ја освои титулата во регионот. Згора на тоа, формата на Партизан е во нагорна линија, што најдобро можеше да се види на неколкуте последни средби на домашен терен против Цибона, Задар и Монако, кои црно-белите ги добија убедливо. Според ова, јасно е дека нѐ чека уште еден исклучително тежок дуел против еден од најдобрите европски тимови предводен од најтрофејниот тренер во историјата. Изминатата недела ја искористивме добро да истренираме, а се засиливме со Кеандре Кук и со Абдул-Малик Абу, кои верувам добро ќе се вклопат и ќе дадат свој придонес кон остварување на заедничката цел, а тоа е опстанок во АБА“, изјави тренерот Николиќ.

Средбата ќе биде пренесувана на МТВ-3 и на регионалната Арена спорт телевизија.