Јуниорската селекција на МЗТ Скопје со победа над Морнар (86-82) го почнаа настапот на полуфиналниоит турнир во АБА-лигата за играчи до 19 години, кој викендов се одржува во Белград.

Сино-белите почнаа фантастично и по само десет минути веќе имаа позитива од 15 поени (28-13). Противникот потоа почна да ја „топи“ предноста на македонскиот тим, а во третата четвртина веќе направија и целосен резултатски пресврт. Но, тоа не ги поколеба избраниците на тренерот Небојша Ѓуковиќ, кои го оставија срцето на паркетот и го дадоа својот максимум повторно да се најдат во водство, кое потоа им ја донесе драгоцената победа.

Дамјан Крстевски, кој настапува како позајмен играч од Работнички, со 27 поени беше најпрецизен кај македонскиот тим, Дамјан Миса постигна 13, Мартин Трсунов 12, а Валмир Какруки 11 поени.

Следен противник на МЗТ Скопје Аеродром е тимот на Цибона со кого ќе ги одмериме силите утре со почеток во 11.30 часот. Последните два меча ќе ги одиграме задутре и тоа прво против Мега Бемакс (9 часот), а потоа и против најголемиот фаворит и домаќин на турнирот, Црвена звезда (16 часот).