Има 14 години и 204 сантиметри: Партизан ни го „украде“ новиот Самарџиски (ВИДЕО)

Македонската клупска кошарка е на добар пат да остане без една од најголемите центарски перспективи, откако талентираниот Марко Луканоски потпиша договор со српскиот гигант Партизан.

Станува збор за 14-годишно момче, високо дури 204 сантиметри, кој досега настапуваше за екипата на Вардар. Луканоски блескаше во црно-црвениот дрес во Европската младинска кошаркарска лига во која имаше просек од 18,5 поени и неверојатни 23,5 скокови. Овие средби биле доволни да го привлечат вниманието на големите клубови од регионот, меѓу кои најбрзи беа од таборот на Партизан.

Ова е своевидно „дежаву“ од пред скоро две децении, кога Предраг Самарџиски речиси на иста возраст и со идентични физички карактеристики се пресели во црно-белиот табор, каде што ја почна богатата интернационална кариера во која потоа настапуваше за екипи како ФМП, Црвена звезда, Лиетувас Ритас, Мерсин, Мега Баскет и МЗТ Скопје.

На Луканоски е да продолжи напорно да тренира за да го следи примерот на сега веќе центарскиот ветеран, додека на челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) да го следи неговиот напредок и да не дозволи да биде „украден“ од некоја друга национална федерација односно репрезентација.

Видеото од потезите на талентираниот центар може да ги погледнете на следниот линк.