(ВИДЕО) Далас се врати од -21, но Бостон слави и е на победа од рекордна титула

Екипата на Бостон Селтикс поведе со 3-0 во финалната серија и дојде на чекор од рекордната 18. шампионска титула до која ќе може да стигне за два дена.

Тимот од Масачусетс славеше со 106-99 во првиот меч на теренот на Далас, па сега има три шанси за првиот трофеј по пауза од 16 години. Далас одлично отвори, водеше со 13 поени разлика во првата четвртина, Бостон брзо ја стигна негативата, а почнувајќи од третиот квартал, го диктираше темпото до крајот. На стартот од последниот период, Селтикс го достигнаа највисокото водство, од 21 разлика (91-70) по што се чинеше дека е завршена работата, но возбудувањата допрва почнуваа.

По серијата од 22-2, Далас се доближи на само еден поен негатива (92-93), но не го комплетираше пресвртот. Клучен момент беше шестата лична грешка на Лука Дончиќ на три минути пред крајот по што домашниот тим остана без најважниот адут и тоа беше причината што не дојде до првата победа во финалето.

Суперѕвездата на Далас постигна 27 поени, но, за разлика од претходните два меча, сега доби поддршка од Кајри Ирвинг кој беше најефикасен со 35 поени. Кај Бостон, Тејтум заврши со 31, а Браун со 30 поени.

Четвртиот натпревар од серијата се игра в сабота рано наутро, во 2:30 часот по средноевропско време. Со победа, Бостон ќе ја освои титулата, а ако Далас успее да триумфира, ќе си ги продолжи своите надежи во ова финале.