Спектакуларниот Лилард третпат сезонава даде 60 поени, па Портланд дојде на чекор до плејофот (ВИДЕО)

Демијан Лилард, ѕвездата на Портланд Трејлблејзерс одигра неверојатен меч и се израмни со легендарниот Вилт Чембрлен откако третпат сезонава успеа да даде над 60 поени, па со 61 поен, пет скока и осум аситенции го водеше својот тим до победа со 134-131 против Далас Маверикс за да се искачи на осмото место на Западот, последно кое води во плејофот.

Лилард одигра во транс, па даде девет тројки во суперинтересниот меч во кој Кармело Ентони додаде 26 поени, а кај Далас најдобар беше Словенецот, Лука Дончиќ со дабл-дабл учинок – 25 поени и 10 скока.

Лилард со неверојатниот настап и третиот учинок сезонава со над 60 поени влезе во историјата на НБА, зашто досега само на легендарниот Чембрлен му успеало вакво нешто. Портланд сега има скор од 34-39, пред Мемфис и Феникс со 33-39, а Сан Антонио е 11-ти на Западот со 32-38.

Портланд утревечер игра со Нетс и ако победат сигурно се осми, што значи плејоф пресметка со лидерот на западот ЛА Лејкерс. Седумте други патници во плејофот веќе се познати, па единствена разврска е оваа за последното кое води во разигрувањето.

РЕЗУЛТАТИ: Сакраменто – Њу Орлеанс 112-106, Вашингтон – Милвоки 113-126, Мемфис – Бостон 107-122, Филаделфија – Феникс 117-130, Сан Антонио – Хјустон 123-105.