НБА-ѕвезда ќе плати 1,3 милиони долари само да не тренира со својот тим!

Проблемите на релација Бен Симонс и Филаделфија севентисиксерс стануваат сѐ посериозни, откако австралискиот кошаркар реши да ги прекине сите односи со клубот бидејќи по секоја цена сака да биде испратен во друга екипа.

Според новинарот на ЕСПН, Брајан Виндхорст, плејмејкерот е подготвен да плати казна до 1,3 милиони долари само за да не мора да тренира со соиграчите во пресрет на новата сезона.

„Пренесено ми е дека Симонс нема проблеми со казната и дека е подготвен да плати и повеќе од оваа сума само за да не мора да се појави на кампот на Филаделфија“, објави Виндхорст.

Австралиецот беше прв избор на драфтот во 2016 година и важи за исклучителен организатор на играта и дефанзивец, со една огромна маана – исклучително лош шут од дистанца. Тој двапати беше во дефанзивниот тим на сезоната во НБА, а трипати настапи на олстар-мечот. Во моментов сѐ погласни се шпекулациите дека кариерата ќе ја продолжи во Минесота тимбервулфс.