Мајами оди на Бостон, Њу Орлеанс на Оклахома (ВИДЕО)

Ноќеска беа одиграни и последните два меча од плејинот во НБА лигата по што се познати освојувачите на осмата позиција во двете конференции.

Победија домаќините Мајами и Њу Орлеанс и тоа релативно лесно. Тимот од Флорида уште во првата четвртина го „нагази“ Чикаго и славеше со 112-91. Во воведниот период, Мајами имаше серија од 26-2 за водство од 32-13 по што немаше апсолутно никакви проблеми за триумфот. Во третиот период Чикаго се доближи на седум поени негатива, но тоа беше се што успеа да направи на овој натпревар. Најефикасен беше Тајлер Хиро со 24 поени на кои додаде 10 скока и 9 асистенции, но важна ролја имаше Кевин Лав кој го заврши мечот со 16 поени за само 12 минути во игра. Кај Чикаго се истакна Дерозан со 22 поена.

Њу Орлеанс го победи Сакраменто со 105-98, но конечниот резултат не е одраз на она што се случуваше на теренот. Кингс имаа контрола над играта до средината на последната четвртина по што почна доминација на домашниот тим. Пред крајот на полувремето беше +13 за Пеликанс (53-40), а во последниот период предноста на овој тим одеше и до 20 разлика. Дури во финишот Сакраменто нешто намали и се избори за поднослив пораз. До триумфот, Њу Орлеанс стигна без повредениот Зајон Вилијамсон, но се истакнаа другите играчи, пред се Инграм со 24 поени и Валанчиунас со 19 поени и 12 скока. За Сакраменто, недоволни беа 35 поени и Диерон Фокс.

Во првата рунда од плејофот, Мајами ќе игра со Бостон кого лани го елиминираше во конференциското финале со 4-3, а Њу Орлеанс ќе се сретне со Оклахома.