Ѓоковиќ и Стеф Кари направија „историска размена“ и фотка за – сите времиња (ВИДЕО)

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, уште во третата рунда загуби на мастерсот во Индијан Велс, по што реши да го прескокне турнирот во Мајами следната недела со цел добро да се подготви за претстојната сезона на земјени терени.

Но и покрај ваквата одлука, тој никако да си замине од САД, каде што очигледно ужива надвор од тениските терени. Само неколку дена откако ја гледаше пресметката помеѓу Никола Јокиќ и Леброн Џејмс, српскиот тенисер одново се појави на НБА-натпревар во Лос Анџелес. Овој пат тоа беше дуелот на Лејкерс и Голден Стејт Вориорс, на кој дојде до средба со легендарниот шутер на „воините“, Стеф Кари. Двајцата познати спортисти по средбата срдечно се поздравија, а потоа разменија подароци.

Ѓоковиќ од американскиот кошаркар доби потпишан дрес со бројот 30, во кој игра најдобриот тројкаш на сите времиња, додека му подари потпишан тениски рекет. Од нивните насмевки можеше да се забележи како и двајцата уживаат во оваа кратка средба, односно што се задоволни што запознале легенда без разлика што и самите го имаат тој епитет.

Најдобриот на АТП листата направи добар избор при изборот кој натпревар од НБА сака да го гледа, со оглед што тоа веше интересен и возбудлив дуел, кој на крајот заврши со триумф на гостите од Сан Франциско (128-121. Леброн Џејмс беше најефикасен на натпреварот со дури 40 постигнати поени, додека Кари на другата страна од теренот постигна 31 поен, кој имаше голема помош од Клеј Томпсон со 26 и Џонатан Куминга со 23 поени. Исто толку постигна и вториот најефикасен играч на Лејкерси на овој меч, Дианџело Расел.