Дончиќ не го интересираат приказните за МВП: Јас само сакам да уживам во кошарката!

Словенечкото чудо од дете, Лука Дончиќ, кој ја воодушевува Америка со настапите во својата втора сезона во НБА, веќе сите го посочуваат како кандидат за МВП на сезоната, откако против Голден Стејт Вориорс стигна до вториот трипл-дабл учинок по ред со 35 поени, 11 асистенции и 10 скока.

Дончиќ беше најдобар во сите три најважни статистички категории, а покрај трипл-дабл ефектот додаде и три украдени топки, со извонреден шут 11 од 18 за два и шест од десет за три поени. Далас го распарчи Голден Стејт со 142-94 и нормално, новинарите во САД, веќе го прашаа дали се чувствува како кандидат за МВП.

„Слушнав такво нешто, водат грижа за мојата статистика, доста од нив навиваат за мене. Слушнав дека ме споредуваат со Леброн Џејмс, ама...Посебно е тоа, многу големи имиња се тоа, но јас сум дури втора сезона во НБА и сакам само да уживам во кошарката. Мене ми е драго што победуваме. Имаме три победи во серија и треба така да продолжиме“, вели Дончиќ.