Бугарија направи сензација: Светскиот шампион падна во Ботевград

Без своите НБА ѕвезди, германската репрезентација доживеа пораз од Бугарија во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2025 година.

Бугарите во Ботевград го совладаа актуелниот светски шампион со 67-62 за најголемото изненадување во првите два круга од квалификацискиот циклус. Клучна беше последната четвртина во која Бугарија направи пресврт и од -6 дојде до победата.

Пред крајот на третиот и почетокот на последниот период, Бугарите направија серија од 11-0, светскиот првак подоцна успеа повторно да го преземе водството, но во драматичниот финиш, домашната репрезентација успеа да се одбрани.

Кошаркарот на Басконија, Коди Милер Мекинтаер беше најефикасен со 23 поени, вклучувајќи го и кошот со кој ја однесе Бугарија на +5 на седум секунди пред крајот. Оскар да Силва ја предводеше Германија со 15 поени.