Во ФМП уште седум позитивни на Ковид-19, но Првата лига ќе почне според – планот!

Бројката на позитивни на Ковид-19 во македонската кошарка драстично се зголеми, откако од таборот на Академија ФМП денеска пријавија дополнителни седумина заразени со коронавирусот.

Од нив, шестмина се од играчкиот кадар, а еден е член на стручниот штаб. Претходно, во прволигашот од Кисела Вода имаше еден позитивен, поради што целиот тим беше ставен во карантин, за по вчерашното ново тестирање бројакта да биде драстично зголемена.

„Сите позитивни на вирусот од нашиот тим се во добра и стабилна состојба, без поголеми здравствени проблеми и тие, заедно со останатиот дел од екипата, ќе останат во изолација“, велат од ФМП.

Претходно, еден кошаркар на Работнички беше позитивен на Ковид-19, по што целиот тим беше во карантин до минатата сабота, а пред неколку дена и член на стручниот штаб на МЗТ Скопје беше заразен со коронавирусот. Аеродромци веднаш направија тестирање на целиот тим, по што сите беа негативни.

Последните информации велат дека и покрај овие проблеми, новата сезона во Првата лига ќе почне според предвиденото, а тоа е претстојниот викенд. Единствено мечот на ФМП ќе биде пролонгиран за понатаму, додека вечното дерби помеѓу Работнички и МЗТ Скопје ќе биде закажано за 14 октомври.