Вечното дерби нема да се игра во „новиот“ Градски парк – ќе го нема ниту на телевизија!

Првото сезонско издание од најсветото нешто во македонската клупска кошарка, пресметката меѓу вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје (недела, 18 часот), за жал, нема да се игра во реновираниот „Градски парк“ како што беше ветено, откако 15-кратниот шампион за место за играње на неделната средба ја пријави салата СРЦ „Кале“.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, пред локалните избори еуфорично најави дека новиот „храм на кошарката“ ќе биде отворен со едно од најголемите дерби-дуели во македонскиот спорт, но очигледно работите не се довршени навреме. Неодамна беше објавена фотографија како се монтира паркетот, трибините веќе се готови, но очигледно е дека Работнички и неговите навивачи ќе почекаат да се вратат во својот децениски дом, барем до вториот дел од сезоната.

Дополнителен удар за армијата фанови на двата најголеми противници во баскетот е и информацијата дека средбата нема да биде пренесувана на телевизија, туку од оваа рунда е предвидено во живо да оди мечот меѓу Кожув и Куманово. Ова значи дека квалитетно следење на мечот ќе биде можен само од трибините во „Кале“, или, пак, преку интернет-стримот, кој во оваа сала неретко е тешко гледлив со оглед што една од навивачките групи мавта со знамиња токму пред камерите.