Тодоров: Ја преземам одговорноста, утре ќе се знае дали останувам во МЗТ Скопје!

Тешко излегуваа зборовите од устата на тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, по вечерашниот пораз на домашен терен од Работнички, кој секогаш двојно повеќе боли од секој друг неуспех.

Разочараноста доаѓа од начинот на кој одиграа неговите избраниците, пред сѐ од неодговорноста во нападот во клучните моменти од натпреварот.

„Загубивме натпревар во кој 35 минути бевме во водство и ја имавме контролата во играта. Последната четвртина ја загубивме со девет поени разлика, а бевме инфериорни под кошевите од екипа која ниту е повисока ниту посилна од нас, а имаше дури 15 скока повеќе. Со овој натпревар го одредивме и пласманот по првите 22 кола, бидејќи речиси е невозможно да се надополнат три победи во однос на вечерашниот ривал.

Дојдовме до точка кога мора да пресечеме. Нема простор за оправдувања, со оглед што игравме во полн состав. Ја преземам одговорноста за овој пораз, а со ваков пристап и ваква игра ќе биде многу тешко и в недела против Морнар. Утре ќе се знае повеќе околу тоа дали и понатаму ќе останам во МЗТ Скопје, за тоа не решавам сам туку има и други луѓе со кои треба да седнам и да се договориме што и како понатаму. Имав многу повеќе шанси од некои други тренери во клубот, но ги истрошивме сите кредити“, изјави резигнирано Тодоров по вечерашната средба.

Работнички сега има скор 8-0 додека МЗТ Скопје е на 5-3.