Перо Антиќ ја промовира програмата: Македонија пак да биде редовен учесник на ЕП!

Тројниот европски шампион, Перо Антиќ, денеска, пред голем број новинари, спортски работиници и кошаркарски вљубениици ја презентира програмата со која се обиде да им ја наметне на клубовите на претстојното Изборно собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на кое ќе се избора новиот претседател (15 мај).

Тој настапи заедно со двајцата најблиски соработници, Тодор Гечевски и Владимир Георгиевски, кои секој на свој начин ја презентираа визијата за работата која би ја извршувале во Куќата на кошарката. Нивните главен мотив за желбата за влез во МКФ е континуираниот пад на квалитетот на овој спорт како и на ранг листата на ФИБА, зголемување на трошоците на клубовите и лошата работа со младите категории. Заедничка цел, пак, им е Македонија пак да биде редовен учесник на Европски првенства, развој на младинските категории, зголемување на квалитетот на екипите и нивни учество во европските натпреварувања

„Во фаза на обезбедување сме на генерален партнер за сите лиги, од сениорските до младинските. Во завршни преговори сме, но прво треба да минат изборите. Тоа значи дека наместо плаќање котизација од 10.000 евра, клубовите да играат за награден фонд кој би се делел според пласманот. Ќе пробаме да најдеме технички спонзор не само за репрезентациите, туку и за клубовите кои би можеле да ги набават по фабричка цена. Имаме поддршка од голем број европски федерации, како руската, грчката, турската, хрватската и други, со чија помош ќе пробаме да се вратиме онаму каде што бевме“, изјави Антиќ.

Спортот на спортистите е главното мото на екипата на единствениот Македонец кој играл во НБА-лигата.

„Политиката треба да биде надвор од спортот. Наша цел е со програмата да ги привлечеме клубовите да гласаат за нас, без влијание на надворешни сили. Но, ќе видиме дали ќе биде така на изборите“, дополни поранешниот репрезентативец.

На презентацијата се најдоа и поранешни соработници на Антиќ и Гечевски, како Ѓорѓи Чековски, Борис Нешовиќ, Игор Михајловски, Тони Симиќ, Марин Докузовски...