Антиќ го пролонгира редовното, за да спречи вонредно Собрание на кое би бил - сменет?!

Првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, денеска ги информира клубовите дека ќе се пролонгира редовното Собрание на Куќата на кошарката, кое беше планирано за овој месец, по точно една година од неговиот избор за предводник на македонската кошарка.

Причина за тоа, како што се наведува во неговото соопштение, е актуелната состојба со коронавирусот, протоколот наметната од државните органи за одржување седници, според кој може да се одржуваат вакви собири со најмногу 30 лица.

„КФМ како сериозна и одговорна организација, која е целосно посветена на заштитата на здравјето на луѓето, ќе го закаже терминот за одржување на редовното Собрание штом се создадат законски дозволени и целосно безбедни по здравјето на луѓето за одржување на истото, а за што клубовите навремено ќе бидат известени“, вели меѓу другото Антиќ во денешното обраќање до јавноста.

Во кошаркарските кругови ваквата одлука на првите луѓе на КФМ е протолкувана како „дување на јогурт“, односно своевиден против удар на најавите за сѐ погласните барања за смена на раководството на макбаскетот. Ако нема услови за редовно, тогаш нема да има услови ниту за вонредно Собрание, на кое клубовите би расправале за смена на Антиќ, односно првично за смена на членот од Статутот донесен од Петар Наумоски, кој спречува нешто такво, а кој, според многу правници, е неуставен.

Останува да се види дали противниците на сегашното раководство на КФМ ќе ја искористат можноста за дописно Собрание за смена на спорниот член од Статутот, нешто што е правено во минатото и нешто што Антиќ нема да може да го спречи ниту со барање специјални услови со флоскули од типот „законски дозволени“ и „целосно безбедни за здравјето на луѓето“.