Пелистер се коцкаше против Кожув, но по продолжение дојде до - седум од седум!

Кошаркарите на Пелистер го одбраа потешкиот пат кон седмата победа во седмиот меч од новата сезона, откако вечерва, по едно продолжение, како гости, го совладаа Кожув (88-83).

Битолчани брзо дојдоа до убедлива предност уште во првата четвртина (22-9), која ја оддржуваа се до стартот на второто полувреме. Домаќинот тогаш заигра далеку поангажирано и со неколку тројки во низа иницира серија 21-7 со која направи целосен резултатски пресврт и поведе со 54-52. Тоа навести драматична завршница, во која прво зелено-белите од Битола изедначија на 72-72 на 27 секунди до крајот, а потоа и двата тима имаа по еден неуспешен обид за триумф уште во регуларниот дел.

Сето ова како ептен да ги измори гевгеличани, а да ги налути кошаркарите на Пелистер, кои екстра-периодот го почнаа фуриозно, со серија 12-1, со која ги решија сите дилеми околу победникот.

Игор Кесар со 24 поени и 10 скока и Чез Вилијамс со 16 поени беа најпрецизни во победничкиот тим, каде што одлично одигра и Бојан Трајковски со 11 поени и 14 скока. Никола Силаџи со 27 поени беше најдобар кај Кожув, за кого ова беше четврти пораз во низа во новата сезона.

Претходно денеска, Работнички потешко од очекувањата го совлада Црн Дрим (84-81).