Пелистер поради плукање и фрлање казнет со 73.000 денари и делумно без - публика!

Комесарот за натпреварување во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Александар Милојевиќ, денеска си изрече казните за случувањата на завчерашниот втор меч од финалната плејоф-серија помеѓу Пелистер и МЗТ Скопје кои исклучува се за битолчани, кои на крајот победија со 82-79 и изедначија на 1-1 во победи.

Управата на зелено-белите ќе треба да уплати вкупно 73.000 денари како санкција за се што се случуваше во салата „Боро Чурлевски“, пред се за плукањето на тренерите и кошаркарите од Скопје и фрлањето тврди предмети (по 24.000 денари), за неспортско навивачи и слаба организација (по 8.000 денари), како и за лошата редарска служба и фрлањето меки предмети (по 4.000 денари) и за недоволниот број лица за бришење на паркетот (1.000 денари).

„Во континуитет неспортско навивање, а во неколку ситуации фрлање меки и тврди предмети, за што е упатена официјална опомена. На гостинската клупа, група навивачи ги плукаа и навредуваа играчите и тренерите на МЗТ Скопје. Мал број наредарска служба, слабо обезбедување зад клупата на гостинската екипа“, се вели меѓу другото во делегатскиот извештај од средбата.

Покрај паричната казна, на Пелистер за следната средба во Битола (10 јуни) му е забрането присуство на гледачи во првите три реда од трибината што е позади клупата на МЗТ Скопје.