Со фантастична игра во последната четвртина, кошаркарите на Работнички, како гости, дојдоа до најголемата и дефинитивно најслатка победа сезонава, против вечниот ривал МЗТ Скопје (76-71) во последниот меч од 8. коло од Првата лига.

Центарци имаа минус седум по првиот напад во последната четвртина, но тоа не ја намали нивната желба за успех. Вратија со серија 11-0, пред сѐ со агресивна одбрана и смирен напад, за предност која со фанатична борбеност ја одржаа до самиот крај. Во клучните моменти играа и без одличниот вечерва Кирил Николовски го направи пет лични грешки, но и тоа го надминаа со користење на секоја и најмала слабост во играта на противникот.

МЗТ Скопје долго ќе жали за пропуштената шанса со оглед на иницијативата и водството кое ги имаа во повеќе од 30 минути. Но, со лош шут за тројка (8/30) и со инфериорност во скок-играта против ривал кој е дефицитарен со високи играчи не може да се победи ниту далеку полош ривал од Работнички. Ако на ова се додаде и ужасната шутерска вечер на тројцата стартери, Бојан Трајковски, Радосав Спасојевиќ и Никола Павличевиќ, кои заедно погодија само девет од 42 упатен шут тогаш е јасен крајниот епилог на овој меч.

Маракус Гинјард со 20 поени и седум скока беше најефикасен кај црвено-белите, Бојан Крстевски постигна 16 поени со три блокади, Чавдар Костов додаде 13 поени со 12 скока додека Николовски мечот го заврши со 11 поени и 13 скока. Кај „металците“, Дамјан Стојановски со 19 и Марко Симоновски со 18 поени беа единствените светли точки во тимот.

Работнички и по овој меч останува неприкосновен на врвот од табелата со скор 8-0 додека за МЗТ Скопје ова е неочекувано дури трети пораз во досегашниот дел од првенството.

Инаку, средбата имаше хуманитарен карактер со оглед што целиот приход од влезниците ќе се донираат за помош на поранешниот капитен на двата вечни ривали, Стеван Гешовски.