МЗТ до двојната круна дојде со 30 победи и со само два пораза - претрпени од ист тим!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со вечерашната победа на гости кај Пелистер (92-83) дојдоа до јубилејната десетта шампионска титула, со што станаа втор македонски тим со двоцифрен број победи во домашното првенство.

Зад аеродромци е импресивна сезона на македонска сцена, со бројки кои наликуваат на тие од времето на најголемата доминација на Работнички во првите години по осамостојувањето. Ова би било причина за голема радост, но емоциите во „Јане Сандански“ се измешани, пред се поради лошиот настап во АБА, од каде што испаднаа како последно пласирана екипа. Но и покрај тоа, ќе остане запаметено дека сино-белите до трофеите во Купот на Македонија и во првенството дојдоа со 30 победи и само два пораза, кои им ги нанесе еден ист тим – Гостивар.

Составот од Западна Македонија се покажа како најголем проблем за „металците“, со оглед што ги победи во двата дуели во регуларниот дел од шампионатот. Сите останати тимови беа победувани најмалку двапати, а најлошо мина Пелистер кој ги загуби сите пет средби против ново-стариот првак. МЗТ регуларниот дел од сезоната го заврши со скор 20-2, имаше 7-0 во плејофот и три победи во низа во Купот.

Работнички останува прв на вечната листа со 15 титули, МЗТ сега е на 10, додека далеку зад нив како трет е Фени индустри (сегашен Еуро Никел) со три радости во Првата лига.