КФМ ги изрече казните за скандалозниот инцидент во Тетово - можеа да бидат и поригорозни!

Тешкиот инцидент на натпреварот од У14 лигата, меѓу Љуботен и Тетекс, што се одигра во текот на викендот во Тетово, денеска доби епилог откако Комесарот за натпреварување при КФМ ги изрече казните за инволвираните.

На тој меч, кошаркар на Љуботен намерно удри противнички играч и тоа на најболното место - меѓу нозете. Да биде скандалот уште поголем, судиите не изрекоа санкција, туку само побараа повредениот кошаркар на Тетекс да биде заменет.

Напаѓачот Павловски поради удирање противнички играч за време на натпревар, додека истиот е на подот и се труди да ја задржи контролата на топката, доби суспензија од четири натпревари што се чини дека е преблаго во овој случај, но не е исклучено одлуката да е таква поради тоа што играчот се покаја, се извини, па дури имаше и средба надвор од теренот со кошаркарот на Тетекс. Неговиот клуб Љуботен треба да плати и парична казна од 20 илјади денари. Суспендирани се и судиите Ников и Стојчевски поради несанкционирање на прекршокот и непостапување во согласност со своите должност и службените кошаркарски правила за игра.

Сепак, најмногу настрада делегатот на натпреварот Вјенцислав Рангелов кој е суспендиран на шест месеци поради „неприкажување на точната фактичка состојба во делегатскиот извештај“. Нему му се става на товар „непроверување и неспоредување на регистрациската листа со НАТ-1 образецот за натпревар и дозволување да се одигра натпреварз без одобрени регистрирани играчи“, како и „ненаведување на инцидентот во делегатскиот извештај“.

И тоа не е се од овој натпревар. Во одлуката на Комесарот е наведено дека КФМ ја проверува комплетната комуникација и документација меѓу претставникот на Љуботен и лицето одговорно за младинските натпреварувања во КФМ под сомнеж дека тетовскиот клуб настапил со фалсификувани кошаркари. Ако тоа се докаже, Љуботен службено ќе го загуби натпреварот со 0-2 и нема да добие бод за поразот.