Кошаркарите на Феникс четврти пат по ред го совладаа најтрофејниот македонски колектив Работнички (91-88) во последниот меч од 12. коло од Првата лига, со што истовремено ставија крај на серијата од седум победи по ред на противникот, за кого ова е прв пораз по скоро три месеци.

Домашните до триумфот дојдоа на домашен погон, предводени од тројца сегашни односно поранешни македонски репрезентативци, што го прави триумфот уште посладок. Составот предводен од Денис Дервишевиќ триумфот го обезбеди во вториот период, во кој ја комплетира серијата 30-7, со која негативата од пет поени (20-25) ја претвори во ептен убедлива предност (50-32). Центарци не се откажаа, полека, но сигурно ја намалуваа негативата, за во финишот во неколку наврати да дојдат до минус од само еден поен, што беше се од нивна страна. Во пенал-завршницата блесна 19-годишниот Андреј Митревски, кој со манир на искусен кошаркар ги погоди сите шест слободни фрлања во последните 90 минути, со кои ја одбрани предноста на својот тим.

Митревски со 23 поени беше најпрецизен кај Феникс, додека зад него беа новакот во овој тим Ивица Димчевски со 21 поен (6/8 за тројка) и Бојан Трајковски, кој имаше монструозен дабл-дабл со 16 поени и 17 скока. Никола Малешевиќ со 20 поени беше најпрецизен кај Работнички, каде што фантастичен беше и Камерон Форте со 19 поени и 19 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Чаир - Куманово 86-91, Кожув – Академија ФМП 108-103, Пелистер – Гостивар 117-87, Еуро Никел – Струмица 89-72, МЗТ Скопје – ТФТ 91-81.

ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 11-1, Пелистер 8-3, Работнички 8-4, Гостивар 8-4, ТФТ 7-5, Еуро Никел 7-5, Феникс 7-5, Кожув 4-8, Куманово 3-9, Чаир 4-8 (-1), Академија ФМП 3-9, Струмица 2-10.