Аеродром е на нозе: МЗТ со победа над Работнички сака да ги залечи раните од АБА!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се во серија од шест порази по ред во АБА-лигата, но тоа се рани кои и тоа како ќе се залечат со победа во денешното вечно дерби против Работнички (17.45), кое овој пат има и хуманитарен предзнак, со оглед што целиот приход од билети ќе биде дониран за помош на поранешниот капитен на двата тима, Стеван Гешовски.

Пресметките помеѓу овие два најголеми ривали секогаш побудувале огромен интерес, бидејќи крајниот исход секогаш бил плод исклучиво на моменталната инспирација и желба за успех. Во кошаркарското „Ел Класико“ никогаш не биле пресудни местата на табелата, ситуацијата во клубовите и разно разните проблеми, што е и една од мистериите кој овој натпревар го прават дополнително привлечен.

„Металците“ се во ситуација да не смеат да загубат, пред сѐ поради желбата да се вратат на победничките патеки поради проблемите во регионалното натпреварување каде што се убедливо последни на табелата, но и поради двата порази во досегашните седум меча од Првата лига. Тренерот Александар Тодоров конечно на располагање го има тимот кој го посакуваше, а кој претрпе огромен број измени од почетокот. Со квалитетни странци и нови домашни имиња, сино-белите се состав кој мора да се респектира и никогаш не смее да се потцени.

Ова, пак, добро го знаат противниците од „Градски парк“, кои периодот го минаа во подготовките за оваа пресметка, која дефинитивно е најголем тест за нивната досегашна непобедливост. Марин Докузовски има искусни волци, кои во нозете имаат еден куп вакви дерби дуели, што воедно е и гаранција за уживање на сите оние кои сакаат квалитетна кошаркарска претстава. Кирил Николовски е новото засилување кое доаѓа како „кец на десетка“, а Маркус Гинјард и Чавдар Костов се лидерите од кои многу работи зависат во тимот од „Градски парк“.

Ова, според неофицијалната статистика, ќе биде 136. вечно дерби, а досегашниот меѓусебен скор е 80-55 во корист на Работнички.