Корона-вирусот го одложува и Ф1 гран-прито во Виетнам?

Откако Големата награда на Кина и официјално е одложена поради опасниот и смртоносен корона-вирус, кој се појави во најмногубројната земја на светот, можно е уште една трка на далечниот Исток да биде одложена – ГН на Виетнам.

„Скај Спорт“ објави дека постои голема веројатност да не се вози ниту трката во Виетнам, иако во оваа земја нема епидемија од смртоносниот вирус, туку само изолирани случаи, но постојат големи стравувања тој да не се прошири.

„ФИА ќе ги направи сите потребни мерки за да се заштити целлокупната автомобилистичка јавност и глобалната автомото-заедница, затоа ќе има дополнителна проценка на календарот за трки“, најавија од ФИА.

Засега сигурно е одложена трката во Кина првично предвидена за 19 април, а ако опасноста од корона-вирусот ја снема, ќе биде вратена во календарот кон крајот на сезоната. Истото може да се случи и со Виетнам, за каде во моментов се надгледува ситуацијата и после координација со официјалните лица, СЗО ќе биде донесена конечна одлука за дали ќе има одложување.

На еден месец до стартот на новата сезона, Ф1 тимовите мака мачат како да стигнат до Австралија, каде на 15 март е закажан почетокот со трката на „Алберт парк“ во Мелбурн. Поради вирусот, главните рути сега се затворени, па тимовите бараат алтернативни решенија за да може да стигнат до Австралија.

Титулата во Ф1 ја брани Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес.